Наставата како планирана и осмислена активност на наставниците и учениците се јавува во неколку организациони форми и тоа како задолжителна, дополнителна, додатна настава, консултативна, изборна, слободни часови на училиштето, продолжителна, практична настава и феријална пракса.

  • Задолжителната настава ги опфаќа предметите според наставните планови и програми за различните струки. Наставата се реализира според нови наставни програми. Задолжителната настава ги опфаќа сите ученици и е програмирана со неделен распоред кој за учениците е во различен фонд од 30 до 35 часа неделно, а за наставниците е 20 часа неделен фонд. (прилог)
  • Дополнителната настава се организира за ученици кои покажуваат континуирано слаби резултати во учењето а особено ако имаат најмалку две слаби оценки, покажале слаби резултати по одреден наставен предмет, отсуствуваат од наставата по одреден наставен предмет и на барање на ученикот или родителот односно старателот.
  • Додатната настава со талентираните ученици и учениците кои сакаат да ги продлабочат знаењата ќе се работи по однапред подготвена програма. Наставниците ќе треба да изготват посебна програма за работа со талентираните ученици во која акцент ќе стават на содржините за регионалните и државните натпревари.
  • Консултативната настава ќе ги опфати учениците кои самоиницијативно го бараат тоа, а најмногу ќе се однесува на учениците од завршните години кои ќе подготвуваат матурски или завршен испит.
  • Изборната настава ќе опфаќа учениците од трета и четврта година стручно образование. Учениците според Концепцијата за матура и завршен испит во јавното средно образование, имаат можност од листата на изборни предмети да одберат два наставни предмети кои ќе ги учат во текот на наставната година.
  • За учениците кои покажале слаб успех по задолжителните предмети се организира продолжителна настава (јунска и августовска испитна сесија).
  • За учениците од градежно-геодетската, текстилно-кожарската, хемиско-технолошката струка, здравствената, економско, правна и трговска струка и угостителско-туристичка струка практичната настава се реализира во вид на вежби, практична настава и феријална практика.
  • Слободни часови– Во стручното образование учениците реализираат слободни часови од следниве области: Култура за мир, толеранција и заштита; Урбана култура; Култура на здраво живеење и Природни науки. Вкупниот обем на часови предвиден за овие активности во текот на една наставна година изнесува 70 (односно 60 часа за IV год.). Овие часови не се во редовен распоред туку се реализираат во време прифатливо за учениците, а во договор со предметните наставници.

Меѓу другото училиштето има изработено свои програми за слободни часови кои им се нудат на учениците,  а кои се одобрени од Центарот за средно стручно образование и Бирото за образование и тоа:

-примена на компјутерска технологија во градежно геодетска струка,

-програма за мултикултурни активности во хемиско-технолошка струка

-програма за претприемништво

-програма за кариерен развој и

-корективна гимнастика

-Училишна медијација